Левоцентристичкиот кандидат Алберто Фернандез убедливо победи на претседателските избори во Аргентина, јави ДПА.
Фернандез (60) победи со 48 проценти од гласовите, а неговиот конзервативен ривал и врсник Макри, освои 40 отсто гласови, покажуваат податоците од речиси целосно преброените гласачки ливчиња, пренесе БТА.
Резултатот на Фернандез му овозможува да прогласи победа уште во првиот круг од гласањето, без да му потребно прегласување. За да биде избран уште во првиот круг од претседателските избори во земјата кандидатот треба да освои 45 проценти од гласовите или само 40 проценти доколку има 10-процентна предност пред вториот.
Фернандез вети дека ќе воведе „нов ред“ и дека ќе изгради земја „со повеќе еднаквост и солидарност“.
Неговата кандидатка за вицепретседател Кристина Фернандез де Киршнер изјави дека тој е исправен пред многу тешка задача да ја спаси земјата, „разурната”, според неа, од „неолибералните политики на Макри“. Макри го призна поразот и го поздрави својот наследник на функцијата. Тој вети дека опозицијата ќе дејствува на „разумен, конструктивен и одговорен начин“. -Ќе продолжиме да работиме заедно за сите Аргентинци, рече шефот на државата и додаде дека го поканил Фернандез денеска на средба.
Кога во 2015 година дојде на власт тој беше поздравен од поддржувачите на економскиот либерализам, кои им опонираа на протекционистичките политики на Кристина Фернандез де Киршнер, која со Аргентина управуваше пред него, од 2007 до 2015 година, и на нејзиниот сопруг и нејзин претходник Нестор Киршнер.
Макри се обиде да го скрати буџетскиот дефицит, но обезвреднувањето на пезосот го принуди да бара голем спасувачи пакет од ММФ, вреден 57 милијарди долари. Овој чекор беше дочекан со недоверба од Аргентинците, како и мерките за штедење, кои и беа наметнати за средната класа заради неа.
За време на неговиот мандат економијата беше западната во рецесија, годишната инфлација изнесуваше над 50 проценти, а стандартот на милиони луѓе падна под линијата на сиромаштија.
Фернандез де Киршнер првично имаше амбиции да се кандидира за функцијата, но откако предизвика многу поделби во општеството, одлучи да ги обедини силите со нејзиниот поранешен шеф на кабинет Алберто Фернандез, забележа ДПА.
Двајцата кандидати со презимето Фернандез, кои немаат роднинска врска, се претставуваат како политички наследници на покојниот популист Хуан Перон, кој со земјата управуваше во текот на 40-те, 50-те и 70-те години од минатиот век.
Фернандез вети дека ќе води пазарна економска политика во обид да ги смири стравувањата дека во Аргентина ќе воведе социјалистички режим, сличен на оној во Венецуела.
Излезноста на вчерашните избори изнесуваше 80 проценти.