Руската воена полиција е стационирана на главните и споредните патишта за заедничко патролирање со турските сили на северната сириска граница, што е предвидено да започне денес, изјави руски воен претставник.

Тој додаде дека во тек е извидување на теренот, патеките и патиштата.

– Секоја единица има свои цели, а клучна мисија на нашите единици е со заедничките патроли да се смири и да се стабилизира ситуацијата во регионот, истакна рускиот воен претставник.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу вчера изјави дека курдските сили се повлекле од безбедната зона пред крајниот рок и оти сириските граничари и руската воена полиција влегле во областа.

Заедничките патроли беа договорени во рамките на договорот меѓу рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган постигнат минатата недела во Сочи.

Во исто време, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соопшти дека Русија и Турција ќе почнат заеднички патроли на 7-километарската зона околу безбедносната зона во Северна Сирија на 1 ноември. Тој додаде и дека безбедносната зона, договорена претходно со САД, може да биде проширена, ако продолжат курдските напади против Турција, јавија некои руски медиуми.

Турскиот претседател истакна дека повлекувањето на курдската милиција од сириската граница согласно рускиот договор не е завршено и предупреди дека Анкара може да почне нова воена операција против силите на ЈПГ, ако ситуацијата не се промени.

Изјавата на Ердоган е во спротивност со тврдењето на Шојгу дека повлекувањето на курдската милиција завршило пред крајниот рок.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 13:58