Од утрово сите израелски амбасади и конзулати во светот се затворени, бидејќи дипломатите и воените аташеа се во штрајк поради долгогодишен спор со Министерството за финансии околу трошоците на дипломатските претставници.

Штрајкот, координиран од Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и Федерацијата за труд Хистадрут. следува откако Министерството за финансии наводно ги повлекло претходните договори и соопшти дека ќе ги принуди дипломатските претставници да вратат илјадници долари, кои им биле исплатени за трошоци, објави „Тајм оф Израел“.

Затворањето на амбасадите и конзулатите стапи во сила во 01:00 часот по израелско време.

„Поради одлуката на израелското Министерство за финансии да ги прекрши спогодбите, кои ги договори и потпиша генералниот директор на Министерството за финансии на 21 јули 2019 година и да примени еднострана процедура, која го менува протоколот што важеше неколку децении, принудени сме да ја затвориме амбасадата“, се наведува во соопштенијата, објавени на интернет страниците на израелските дипломатски мисии.

Во соопштението се истакнува и дека конзуларни услуги нема да бидат давани и никому нема да му биде дозволено да влезе во амбасадата, односно конзулатот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 14:26