ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје продолжува со поставување на новонабавените корпи наменети за одлагање ситни отпадоци. Во текот на денешниот ден, нови корпи се поставени во спортско-рекреативниот центар „Матка“ и на територијата на целата општина Сарај, почнувајќи од главната улица „Маршал Тито“, паркот, плоштадот, како и во непосредна близина на детската градинка, ООУ „Дитурија“ и СУГС „Сарај“.

Новите 950 корпи наменети за одлагање ситни отпадоци ги набави Градот Скопје. Тие се направени од еластичен материјал и се заштитени од можноста за непрописно полнење со кеси за комунален отпад, како и разнесување на отпадот од страна на животни. Етапно се распоредуваат во сите скопски општини, а ЈП „Комунална хигиена“- Скопје веќе ги постави во Старата скопска чаршија и централното градско подрачје.

Градоначалникот на општината Сарај, Блерим Беџети и директорот на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, Абдусамед Шабани, денеска го промовираа поставувањето на новите корпи за отпадоци, за коишто се очекува во голема мера да придонесат за подобрување на нивото на хигиената и чистотата во оваа скопска општина.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 15:06