Еврокомесарот задолжен за буџетот, Гинтер Етингер, на прес-конференција денеска ги отфрли наводите дека Германија би плаќала двојно повеќе за идниот буџет на ЕУ доколку се усвои предлогот на Европската комисија.

– Расходите се прашања од голема важност, посебно со оглед на фактот дека во последните денови некои медиуми објавија многу погрешни бројки, на пример велејќи дека германскиот придонес за Брисел ќе биде двојно поголем, изјави Етингер.

Бројни германски медиуми објавија дека со истапувањето на Обединетото Кралство од ЕУ и предлогот да се укине принципот на попуст во европскиот буџет, Германија, која и сега највеќе придонесува нето за европскиот буџет, би се нашла во ситуација да мора да плаќа двојно повеќе.

Германските власти засега не демантирале.

Европскиот буџет служи да се покријат бројни европски политики, фондови како и платите на персоналот во европските институции.

Етингер денеска додаде дека не очекува земјите членки да успеат да се договорат за буџетот до крајот на оваа година.

– Ќе има напредок во декември, но нема да има договор, изјави Етингер.

На негово место ќе дојде Јоханес Хан со новиот состав на Европската комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2019 17:56