Вкупно 1497 текстилни работнички заклучно со септември се обратиле до Хелсиншкиот комитет за човекови права. Станува збор за работнички од 60 конфекции од 12 градови, кои од Комитетот добиле над 900 правни совети. Од Хелсиншкиот комитет за овие бројки денеска информираа преку писмено соопштение во кое реагираат дека Државниот инспекторат за труд само во еден случај има утврдено неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум.

Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите. Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив – нагласуваат од невладиниот сектор, од каде сметаат дека работодавачите во текстилната индустрија се привилегирани, бидејќи добиваат државни субвенции за исплата на минимална плата.

Според Хелсиншкиот комитет за човекови права, недозволиви се барањата на сопствениците на текстилните фабрики за продолжување на работното време, укинување на празници, замрзнување на придонесите, повторно отворање на темата за нормиран учинок, дури и закани за штрајк.

Сметаме дека со самото искажување на ваквите ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници – една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството. Со ова, самите работодавачи практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони – се додава во денешното соопштение.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2019 16:28