Банкарскиот систем и натаму ја одржува својата стабилност, a неговата отпорност на шокови бележи подобрување. Второто тримесечје од оваа година, меѓу другото, беше одбележано со подобрување на показателите за солвентноста и од повисокиот раст на активностите на банките.

Во извештајот за ризиците во банкарскиот систем за вториот квартал од годинава, усвоен на денешната седница на Советот на Народната банка, е нагласено дека кредитната и депозитната активност на банките продолжи да се зголемува. Кварталниот раст на депозитите изнесува 2,2 проценти, со придонес на депозитите и на домаќинствата и на корпоративниот сектор. Кај кредитите е забележан квартален раст од 1,8 проценти, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансиски субјекти се зголеми за 0,3 процентни поени до ниво од 5,5 проценти.

-Показателите за ликвидноста на банкарскиот систем се одржаа на задоволително ниво. Ликвидните средства учествуваат со околу третина во вкупните средства на банките, при што истовремено, показателот за соодносот меѓу кредитите и депозитите на банкарскиот систем се одржува на ниво пониско од 87 проценти.Добивката на банкарскиот систем остварена во првите шест месеци е помала за околу 36 проценти во споредба со добивката остварена во истиот период од претходната година, што во најголема мера е одраз на исцрпувањето на ефектите од настаните со еднократен карактер коишто предизвикаа висок раст на добивката во првото полугодие од 2018 година, соопшти НБРМ.

Подобрувањето на солвентноста на банкарскиот систем, појаснуваат, првенствено произлегува од реинвестирањето на добивките од минатата година во капиталот на банките. Според податоците презентирани во усвоениот извештај, на крајот на првото полугодие, стапката на адекватност на капиталот на банкарскиот систем и понатаму е солидна и изнесува 17,4 проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/10/2019 16:36