Греењето со огревни дрва сè уште е економски најисплатливо, а греењето со електрична енергија е еколошки најприфатливо, велат експертите. Според нив, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Посочуваат дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и во Струмица, а во останатите делови од земјава сè уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.
Експертите велат дека просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри. Доколку се подели вкупната дрвна маса со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Цената во ЈП „Национални шуми“, согласно повикот за 2019 година не смее да биде повисока од 2.870 денари за кубен метар буково, односно 2.970 денари за дабово огревно дрво. Просечната малопродажна цена, пак, за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.600 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 – 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат трошоците за превоз, цепење и редење на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 18 до 22 илјади денари годишно.
Познавачите велат дека во Македонија најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво за што се неопходни и повеќе од 60.000 денари годишно.
Нема точна бројка колку домаќинства се греат на струја
Особено тешко е да се процени колку домаќинства се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.
Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 4,44 денари за потрошен киловат-час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина квадратни метри просечно се трошат по околу два киловат-часови електрична енергија, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат-часови или околу 111 денари. Кога на нив ќе се додадат и 18 отсто за ДДВ, се добива дека дневно ќе се трошат по 130 денари за загревање или 3.900 денари месечно, односно околу 24.000 годишно.
Цената би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима-уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид греење експертите не го препорачуваат како главно, туку само како помошно, бидејќи при екстремно ниски температури под – 15 Целзиусови степени инвертерот најчесто не може да работи или не може доволно да загрее.
Доколку домаќинството има двотарифно броило, цената на електричната енергија се движи од 5,54 денари за скапата до 2,78 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор, сметката за струја месечно може да изнесува и до 10.000 денари.
Владата преку ЕСМ нуди ваучери од по 1.000 евра за набавка на инвертери
Владата преку АД ЕСМ обезбеди 10 милиони евра за субвенционирање високоефикасни инвертер клима-уреди за 10.000 семејства кои користат неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво и кои живеат во најзагадените општини – Битола, Кичево, Тетово и Скопје. При реализација на мерката предност ќе имаат оние семејства чии вкупни приходи се до 30.000 денари.
– Граѓаните ќе добијат ваучер во вредност од 1.000 евра за набавка на инвертер-клима. На фирмата од каде што ја купиле, кога ќе ја монтира, домаќинството ќе треба да ѝ ја предаде печката на која досега го загревале домот. Потоа тие печки ќе се носат на легални отпади кои ќе бидат наведени, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.
Тој додава дека граѓаните што ќе добијат средства за набавка на инвертер ќе треба да потпишат изјава дека нема повеќе да се греат на нееколошки начин.
Со мерката ќе бидат опфатени 5.200 домаќинства од Скопје, 2.500 од Битола, 1.500 во Тетово и 800 во Кичево. За субвенции во Скопје ќе можат да аплицираат и домаќинставата од приградските општини Арачиново, Сопиште, Илинден…
Парното греење поевтинува неколку години по ред
Во моментов централно греење има само во Скопје, иако мрежа има и во Битола, но поради нерентабилноста веќе неколку години воопшто не се користи. Во последните неколку години цената на парно греење во Скопје постојано се намалува.
Од 1 август годинава парното греење е поевтино за шест отсто за корисниците кои се греат преку БЕГ, за 13,5 отсто за потрошувачите на ЕСМ енергетика, а за 12 отсто за корисниците кои се затоплуваат преку топланата во Скопје Север.
Пресметката, според калкулаторот на Регулаторна комисија за енергетика, покажува дека просечната сметка за греење на стан од 60 квадратни метри изнесува околу 1.850 денари месечно доколку сметката се плаќа на 12 еднакви рати или 3.700 денари ако се плаќа на шест рати. Произлегува дека годишно за греење стан од 60 квадратни метри се неопходни околу 22.200 денари. Предноста на овој вид затоплување во однос на другите е што се грее цела станбена површина.
Податоците на БЕГ покажуваат дека 36 отсто од потрошувачите во главниот град или преку 55.000 се греат на централно греење. Од останатите 64 отсто нешто помалку од половината се греат на дрва и фосилни горива, а другите на електрична енергија.
Можност за загревање со геотермални води има во Кочанско, но најчесто се користи за одгледување градинарски култири под стакленици, а има и домаќинства во Куманово и во Струмица што се греат на природен гас, како и во Битола и во Кичево кои се греат на јаглен.
Град Скопје поднесе барање до РКЕ за лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и најавува поевтини цени
Град Скопје на 14 октомври годинава поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за издавање лиценца за дистрибуција на топлинската енергија за АД Градски енергетски системи (ГЕС) и бара од РКЕ да постапи по барањето во законски предвидениот рок. ГЕС достави информација за обезбедени финансиски средства за тековно работење и набавка на основни средства за дејноста, како и дека за вработување на стручните кадри се потребни максимум 45 дена.
Пред издавање на лиценцата, РКЕ ќе спроведе постапка за одземање на лиценцата на Балкан енерџи груп (БЕГ) дистрибуција доколку се исполнети условите за тоа, информира неодамна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој најави дека во наредниот период ќе организираат состаноци со БЕГ и со ПУИК како друга страна во договорот. За текот на целата постапка вети максимална транспарентност, за, како што вели, да нема сомнежи кај граѓаните или инстититуциите.
– Клучно е да се обезбеди сигурност во снабдувањето со топлинска енергија на Град Скопје. Сакаме да имаме кристално чиста постапка со цел да обезбедиме сигурност во снабдувањето со топлинска енергија. Покрај подзаконските акти во делот на издавањето лиценци, како и Законот за енергетика, каде што се јасно дефинирани многу работи, една работа по која ќе се водиме и на која ќе инсистираме е сигурност во снабдувањето со топлинска енергија. Потрошувачите во Град Скопје кои моментно се приклучени на системот на БЕГ да бидат сигурни и да не се грижат дека ќе имаат каков било прекин во снабдувањето со топлинска енергија, рече Бислимоски.
Според него, ако сè функционира како што треба, постапката за издавање на лиценцата би траела 45 – 60 дена. Лиценцата што би се издала на ГЕС ќе биде условена, односно за да почнат да работат ќе треба да ја уверат РКЕ дека имаат доволен број вработени и соодветен кадар за дејноста.
Балкан енерџи груп, појасни, ќе работи сè додека има лиценца за вршење дејност.
Од Град Скопје информираат дека во прилог на барањето за издавање лиценца за дистрибуција на топлинска енергија на ГЕС е поднесена документација со која се потврдува дека АД ГЕС – Скопје е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура – топловоди во сопственост на државата кои се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје.
– Со поднесување на барањето со целокупната потребна документација, АД ГЕС – Скопје ја започна постапката за добивање лиценца за дистрибуција на топлинска енергија и воедно бара, во согласност со Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, врз основа на начелата за постапката за издавање лиценци за вршење дејности од енергетиката засновани на транспарентност, објективност, недискриминираност, ефикасност и економичност, Регулаторната комисија за енергетика да постапи по барањето во предвидените рокови, велат од Градот.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, пак, во неколку наврати најави дека откако ГЕС ќе ја добие лиценцата и ќе почне да стопанисува, ќе следува ново намалување на цената што ја плаќаат скопјани за топлинска енергија.
Греењето на пелети полека, но сигурно влегува во тренд
Со субвенциите што ги даваат Град Скопје и некои други општини за купување печки на пелети, одреден процент граѓани се преориентираа затоплувањето на станбениот простор да го вршат со овој енергент. Субвенцијата изнесува 70 отсто од вредноста на печката на пелети, но не повеќе од 30.000 денари. Мерката во Скопје не ги опфаќа домаќинствата што имаат приклучок на градското централно греење.
Печката на пелети троши од 10 до 15 килограми пелети дневно, а цената на пелетите во зависност од квалитетот и тежината во малопродажните објекти се движи од 12 до 16 денари за килограм, односно од 185 до 260 денари за 15 килограми. На интернет цената на пелетите се движи од 12.438 до 14.280 денари по тон. Од тоа произлегува дека месечните трошоци изнесуваат над 5.500 денари или повеќе од 30.000 денари на годишно ниво за загревање површина од 60 квадратни метри.
Топлинските пумпи – греење на иднината
Според проф. д-р Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ), топлинските пумпи се греење на иднината, а секое користење електрична енергија за греење, порачува, е еколошки веројатно најчисто, бидејќи локално не загадува.
– Како еден од многу добрите еколошки системи електричната енергија ја нуди можноста за вградување на таканаречените топлински пумпи, а кај народот познати како клима-системи. Тоа е вентилаторски конвектор или топлинска пумпа што со користење на техничките достигнувања и законите што важат во природата – топлината однадвор со мала потрошувачка на енергија ја покачува на повиско ниво во внатрешноста. Стандардните поевтини производи од овој тип трошат еден киловат-час електрична енергија, а внатре во просторијата има загревање од минимум два, а нормално е да имаш три, а во некои случаи четири – пет, па и шест киловати, вели Димитров.
Тоа, додава, пластично значи да плаќате еден киловат-час електрична енергија, а добивате два или повеќе киловати. Со обичните греалки, пак, плаќате колку што трошите.
– Можеби е финансиско оптоварување да се вгради ваков систем, но на подолг рок инвестицијата се враќа, потенцира Димитров.