Во следните 30 дена сите возачи што сакаат да стават плински уреди во своите автомобили, ќе може да аплицираат за субвенции во Министерството за економија. Рокот за поднесување барања почна вчера, а процедурата, како што објасни денеска ресорниот министер Крешник Бектеши, е многу едноставна.

-Потребно е само да се достави барање до Министерството и да се извади нова сообраќајна дозвола во која ќе стои дека возилото не користи бензин или дизел, туку плин, рече Бектеши на прес-конференција.

Според него, ќе се субвенционираат 50 отсто од трошоците за вградување плински уреди, но максималната сума што може да ја добие апликантот е 18.000 денари.

Со поддршката се обезбедени 15 милиони денари или по 250 – 300 евра за околу 800 – 900 возила.

-Мерката ја најавивме во август годинава, а средствата се обезбедени со ребалансот на Буџетот. Министерството за економија веќе формира и Комисија надлежна за распределба на поддршката со цел што побрза реализација на мерката. Со ова, и ние на некој начин се вклучуваме во Планот за чист воздух и сакаме да придонесување во намалување на загадувањето, подвлече Бектеши.

Тој потсети и дека догодина треба да стартува еколошкото категоризирање на возилата.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2019 13:40