Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски ги повикува сите корисници на социјална помош да отидат кај Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН хоум и да поднесат барање за да бидат евидентирани како ранлива категорија на потрошувачи за да можат да ги користат придобивките од новите правила за снабдување со електрична енергија што се предвидени за таа категорија на потрошувачи.

На денешната прес-конференција информира дека минатата недела стапил во комуникација со Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, кој има обврска да води евиденција на ранливите категории на потрошувачи, и увидел дека досега не се евидентирал ниту еден ранлив потрошувач.

– Лани РКЕ донесе нови правила за снабдување со електрична енергија со кои првпат воведовме придобивки за ранливите категории потрошувачи кои користат социјална помош. За нив е предвидено во декември, јануари и февруари да не може да бидат исклучени од системот и им се дава можност на рати да ги плаќаат долговите, доколку ги имаат, а доколку, пак, биле исклучени во другиот дел од годината да не им се наплаќа трошок за повторно вклучување. Во услови кога имале штета имаат приоритет при исплатата на надоместот на штета. Апелирам да поднесат барање до ЕВН хоум за да можат да ги користат овие придобивки, рече Бислимоски.

Посочи дека процедурата за пријавување е едноставна и ги повика ранливите категории на потрошувачи да се пријават во пунктовите на ЕВН хоум за да можат да ги користат привилегиите. Прецизира дека ранливите потрошувачи треба само да одат во ЕВН хоум да покажат сметка за електрична енергија за да се заведат во системот од аспект на мерно место за да може софтверски да се евидентираат. Дури не се бара ни точна адреса на живеење, ниту да ги пријави близок роднина.

-Доколку ваквите потрошувачи имаат долг, ЕВН хоум е обврзан да им го подели на повеќе рати со цел навремено да ги покријат своите трошоци за електрична енергија, потенцира Бислимоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2019 19:25