Ракометарите на Вардар в сабота се домаќини на Кјелце во седмото коло од Лигата на шампионите. Капитенот на „црвено-црните“ Стојанче Стоилов најави голема борба со стариот ривал.

– Не очекува тежок натпревар против секогаш незгодниот Кјелце. Со нив играме секогаш интересни натпревари. Тие се наш голем ривал и сите сакаме да победиме. Се надеваме на поддршка од трибините. Ситуацијата не е лесна за нас. Имаме многу повредени играчи и многу кои штотуку закрепнаа од повреда. Мислам дека во моментов не знаеме на што сме. Наше е да дадеме се од себе како на сите останати натпревари и да се обидеме да победиме, изјави Стоилов на денешната прес-конференција.

Тренерот Едуард Кокшаров кажа дека се уште нема јасна слика како ќе изгледа тимот.

– Во овој момент не можам ништо да кажам за тоа со кои играчи ќе располагам. Кој ќе игра , а кој не ќе се знае утре, на ден пред натпреварот. Не е лесно, но убеден сум дека оние кои ќе играат ќе дадат максимум. Самиот натпревар ќе покаже што и како, рече Кокшаров.

Натпреварот ќе се игра в сабота од 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2019 14:42