Тренерот на Вардар, Едуард Кокшаров во пресрет на задутрешниот меч од регионалната ракометна СЕХА лига против Мотор Запорожје, најави дека повеќе минутажа ќе добијат помладите.

– Колку што знаеме екипата на Мотор кај нас не доаѓа во најсилен состав. Ние имаме свои планови за овој меч. Сакам да им дадам повеќе минутажа на некои играчи, а некои да ги одморам. Тоа не значи дека се откажуваме од бодовите. Ние одиме на победа и три бода кои ни се многу важни во СЕХА лигата, рече Кокшаров на денешната прес-конференција.

На замор по напорните мечеви во Лигата на шампионите се пожали и капитенот Стојанче Стоилов.

– Не очекува дуел со Мотор по тешкиот меч во саботата со Кјелце. Играчите се изморени. Посебно оние што играат цела сезона и го носат главниот товар. Мислам дека може малку да се калкулира и да се одморат некои од нив. Во секој случај, играме дома и одиме на победа, потенцира Стоилов.

Токму Вардар и Мотор Запорожје се на водечките две позиции во А-групата од СЕХА лигата со по 15 бода од шест натпревари.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2019 14:03