Сите уредени зелени површини се зачувуваат. Површината под јавно зеленило е тројно зголемена, односно од постоечките 4283 на 12.811 метри квадратни во однос на претходните планови.
Државното земјиште кое било предвидено за градба во општина Центар ќе се пренамени во зеленило, најави градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ образложувајќи ги одлуките што минатата недела ги донесе Советот на општината во врска со ДУП Градска четврт И 06 – Пролет од страна на Советот.
Покрај другото, информираа од општината, извршена е пренамена на парцелата 1.02 покрај основното училиште 11-ти октомври, од објект на локална самоуправа во објект со намена в2: здравство и социјална заштита, поточно градинка. На местото на постоечката месна заедница Корчагин, ќе може да се изгради градинка со површина на парцела 1.992 метри квадратни и површина за градба од максимум 1.334 метри кавдратни, а развиена површина од 2.668 метри квадратни.
Постоечката кула, на местото на денешниот паркинг, на парцелата 1.27 ќе може да се изведе паркинг со две нивоа: едно полуподземно и едно полунадземно ниво, со цел да не се нарушуваат видиците на станарите. Овој паркинг со површина од 1.635 метри квадратни (по ниво) се предвидува со цел да се решат проблемите со паркирање на постоечките објекти, а притоа да не се уништува зеленилото, како што се предвидувало во претходните варијанти на плановите.
-Сите уредени зелени површини се зачувуваат. Површината под јавно зеленило е тројно зголемена, односно од постоечките 4283 на 12.811 метри квадратни во однос на претходните планови. Toa зеленило го опфаќа постоечкото зеленило меѓу постоечките станбени згради, заштитното зеленило, но и неколку нови помали површини, кои не биле предвидени како јавно зеленило во претходните планови, а во стварноста се зелени.Зачувано е детското игралиште, кое заедно со најголем дел од зеленилото меѓу станбените објекти ќе беа уништени доколку се дозволеа надградби на постоечките станбени згради и не се решеше проблемот со паркирање, информира Богдановиќ.
Според него, нема да има зграда до зграда и да си гледаат соседите дома, туку значително растојание меѓу зградите. -Новата градинка е во рамки на училиштето и се работи за убава површина согласно сопараметрите за градинка. Површината е на 1992 метри квадратни. Висината е според прописите, а има предвидено и двор, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Како што појасни, ова е четврти ДУП од вкупно 31 за кои допрва Советот ќе треба да расправа. – За разлика од минатата општинска администрација, пред 2012 година се трудиме овие расправи и одлуки да ги носиме јавно и транспарентно, преку јавна анкета каде граѓаните ќе можат да учествуваат со сугестии и коментари, рече Богдановиќ.
Според него, општинската администрација дала максимални напори да се измени она што може, бидејќи досега деталните урбанистички планови биле ревидирани. Следниот ДУП кој ќе биде презентиран, петти од 31 ревидиран, ќе биде кај Тасино Чешмиче.
-Целта е да покажеме една друга слика од претходно, кога планови се носеле без јавност, во 3 часот наутро се заради нечии интереси. Наша задача како општинска администрација е да придонесеме за непречени услови за да се направат измените, наведе Богдановиќ.