– На Германските гробишта во Прилеп денеска се одржа комеморација за загинатите војници од Првата светска војна чии мошти почиваат на Гробиштата.

Германскиот амбасадор Томас Герберих, обраќајќи им се на присутните рече дека овој ден треба да потсти на мир, дека сме научиле од искуствата од разорните војни и дека мора да развиеме способност за помирување.

– Се собираме денес тука, за да се потсетиме на жртвите од војните и на насилното владеење и да се поклониме пред нив. Овој ден треба и во сегашноста да потсети на мир. Сѐ уште не потресуваат испади на насилство, вооружени конфликти и ограничување на слободата. Луѓе страдаат и умираат и се принудени на бекство. Нашиот одговор е – мора да развиеме способност за помирување. Мора да создадеме свет во кој цврстата волја е обединета, ужасите од војните да се испратат во историјата, рече Герберих.

Според Герберих, Германија и Франција најдоа помирување, а идејата за обединет и мирен европски континент не е автоматизам, туку потребна е политика која не изолира и не бега во национализам.

– Германија и Франција најдоа пат за помирување. Основата за тоа е Европа на заеднички вредности и убедувања, насочена спрема неотуѓивите човекови и граѓански права. Но идејата за обединет и мирен континент не е автоматизам. Потребна е политика која не изолира, не бега во национализам и не гради нови ѕидови. Поуката од опустошувањата на минатото е: отвореност, великодушност, љубопитност, а тоа е завет за претходните генерации, рече германскиот амбасадор Герберих при комеморацијата на прилепските германски гробишта.

Свежи цвеќиња и венци во спомен и за почит на загинатите војници од минатите војни положија и заменик-амбасадорот на Франција, Станислав Мрожек, државниот секретар при министерството за одбрана на Македонија, амбасадорите на Русија, Унгарија, на Бугарија, Романија, претставници од НАТО-мисијата, воени аташеа, од прилепската локална самоуправа, политички партии.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2019 00:07