Компанијата „Слајс“ на дебарската општа болница со проширена дејност и донираше 40 компјутери, што е последователна помош од компанијата за оваа здравствена установа.
-Ова е од голема помош за персоналот во секојдневната работа, а создаде услови за почеток на инсталацијата на оптичката мрежа низ болницата со оптимална брзина. Во свое и во име на персоналот голема благодарност за оваа донација, рече директорот Јетлумт Пашоли.
Освен за болницата, компанијата донирала компјутери и во две училишта во Дебар и Охрид.
-Деновиве донираме 30 компјутери на општинското основно училиште „Пенестија“ во Дебар а претходно 15 лаптоп компјутери на основното училиште во Пештани-Охрид. Ќе продолжиме и понатаму да ги помагаме установите, но и поединци, кои имаат потреба од тоа, што е дел од нашата определба за хуманост, или како што ние дебрани велиме „онаа рака што дарува никогаш не се суши“, рече за МИА, Бутринт Села, одговорен на компанијата за Северна Македонија.
Стартап компанијата „Слајс“ чие седиште е во САД, сопственост на дебарскиот иселеник Илир Села, преку наменски дизајнирана платформа на американските граѓани им нуди можност да пронајдат локална пицерија и да направат онлајн нарачка, со што им помага на помалите пицерии да го зголемат бизнисот и бројот на клиенти, преку канцелариите во Дебар, Охрид и Скопје, каде се вработени над 400 млади лица.