–Невладините организации „Екогерила“ и „ЦБС Лоја“ од Тетово со герила-акција изразија јавен револт кон Општина Тетово за несправувањето со големиот број проблеми од повеќе области, а посебно од областа на животната средина. Пред зградата на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ поставија изложба на фотографии и т.н. чудовиште од смет.

– Пред Центарот за култура беше поставена изложба на 24 слики со проблеми и потреби на граѓаните, а воедно и ветувања од страна на градоначалничката Теута Арифи во кампањите во 2013 и 2017 година. Со тоа сакавме да ги потсетиме во Општината на некои многу важни работи и потреби кои не се исполнети. Исто така собравме од улица смет и направивме „чудовиште“, изјави Арианит Џафери од „Еко Герила“.

Тој потенцираше дека сликите и сметот се поставени пред Центарот за култура во централното градско подрачје претпладнето, а само по еден час се отстранети.

– Перформансот траеше само 60 минути зошто Општната беше одлучна да ги остранат. Мислиме дека да беа толку брзи и одлучни да ги отстранат проблемите немаше да има изложба. Тие сакаат да ги кријат проблемите, но не можат да ги избришат сеќавањата на граѓаните. Исто така не можат да се кријат корупцијата, сметот, тоа што нема јавен превоз и другите проблеми. Не се преземаат мерки од страна на Општината како во другите градови. Во Општина Тетово не ги интересира, како живеат во Вашингтон, рече Џафери.

Освен пред Центарот за култура дел од герила акцијата е спроведена и на други локации низ градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2019 00:08