Во септември годинава во државава се регистрирани 122 645 туристи, со 275 892 ноќевања, при што во однос на септември лани има раст од 12,8 проценти, односно за шест проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Регистрирани се 0,6 проценти помалку домашни туристи, за разлика од странските кај кои има зголемување за 17,4 проценти. Ноќевањата на домашните туристи се зголемени за 5,9 проценти, а на странските за 11,6 проценти.

Најмногу туристи, 12.063, имало од Турција, по што со по околу пет илјади следат тие од Германија, Полска, Бугарија, Грција, Холандија… И во септември топ дестинации за туристите биле езерските места, по кои е рангиран главниот град, па планинските и бањските места. Најголем дел, 53.000, биле сместени во хотели со четири ѕвездички, 27.578 во хотели со пет ѕвездички, а во куќи, станови за одмор и соби за издавање се сместиле 5.960.

Во првите девет месеци од годинава споредено со истиот период лани вкупниот број на туристи е зголемен за 3,4 проценти: кај домашните за 1,1 процент, а кај странските за 4,8 проценти. Притоа кај ноќевањата има зголемување за 1,9 проценти, со намалување од 0,1 процент кај домашните и раст од 4,4 проценти кај странските.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2019 17:20