Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со дел од основачите и членовите на одборот на организацијата „Македонија 2025“ кои го информирале за осмото издание на Самитот на оваа организација што од денеска до 15-ти ноември се одржува во Скопје и служи како платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и инспирирање иновации и промени во Југоисточна Европа.

Како што информираа од Кабинетот на претседателот, на средбата беше посочено дека годинава на Самитот се очекуваат над 50 истакнати говорници и стотици високи гости од бизнис сферата. Во фокусот на Самитот ќе бидат иновациите и нивното влијание врз намалување на загадувањето на животната средина и воздухот, како и иднината на работните места и вештините, глобалните економски и геополитички трендови и можностите за финансирање на малите и средни претпријатија.

-Претседателот Пендаровски на средбата ја поздрави работата на „Македонија 2025“, којашто преку Самитот ги одразува желбите, волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на иднината на Северна Македонија. Претседателот Пендаровски посочи дека постојат многу можности и потенцијали за соработка и дека истите е неопходно да се искористат преку интензивирање на соработката меѓу бизнис заедниците во земјата и во дијаспората, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/11/2019 20:42