Слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина, се новите колективни трговски ознаки за грчките производи од грчката област Македонија, односно т.н. македонски производи.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, ознаката и слоганот со кои грчките производи ќе бидат пропратени на меѓународно ниво, беа презентирани денеска во Солун од Здружението на извозници на Грција, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

По презентацијата, грчкиот премиер рече дека новата колективна ознака „отсега, па натаму ќе ги придружува македонските производи и услуги низ целиот свет“.

– Се обврзав дека ќе се справиме со негативните последици од Договорот од Преспа, поддржувајќи ги професионалните групации од Северна Грција за да се воспостават унифициран колективен идентитет, кој ќе ги раздвојува производите што се произведуваат отсега понатаму на македонската почва. Верувам дека овој софистициран знак, претставен денеска и кој веднаш ќе биде доставен до Европската канцеларија во Аликанте, ја постигнува оваа цел. Сигурен сум дека тоа е знак што ќе го прифатат сите производители од Македонија, ги покрива сите три региони: Источна Македонија, Централна Македонија и Западна Македонија, ќе биде поддржан од бизнисите и ќе ни овозможи да имаме централен идентитет за македонски производи, нагласи Мицотакис, додаде дека овој „идентитет упатува и на минатото, но и отвора пат за пооптимистичка посветла иднина“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2019 19:53