Дали Mинистерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство, сеше едно од главните барања на панел дискусија на Локалниот социјален економски совет што се одржа денеска во Струмица во организација на МТСП на која се вршеше консултација во врска со Оперативниот план за вработување за 2020, со фокус на регионалните и локалните проблеми, предизвици и потреби.

Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица“ од Струмица, кој беше еден од оние кои го поставија ова прашање додаде и дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот имало формирано компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

Според Миле Милановиќ од „Струмичката бизнис заедница“ стопанствениците активно учествуваат во креирањето на Оперативните планови и сите забелешки кои биле искажани од бизнис секторот биле имплементирани во планот за 2019 година.

-Убаво е за оперативниот план за 2020 година да се слушне гласот на „Струмичката бизнис заедница“. И оваа година наша забелешка е синхронизирано, односно хронолошки и пред време да ни ги најават мерките за да може да ги внесеме во нашите развојни планови во компаниите, во развојните планови на зголемувањето на бројот на работниците и некои технички проблеми кои се појавуваа од порано околу елементите на заштита при користењето на средствата, рече Милановиќ, кој се надева дека ќе бидат прифатени нивните забелешки.

Ксенија Вангелова од „Бизнис иновацискиот центар“ смета дека за компаниите е поисплатливо да ангажираат искусни работници кои со преструктирање можат да се носат со предизвиците на поквалитетното работење, отколку да ангажираат нови за кои е потребно повеќе време за нивно вклучување во процесот на производството.

Според претставниците на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување сите предлози ќе бидат инкорпорирани во Оперативниот план за вработување за наредната година. Притоа истакнаа дека мерката Гаранција за млади е една од најуспешните мерки и во Струмичко интересот на младите на возраст до 29 година бил мошне голем.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски смета дека развиениот економско-социјален дијалог на локално ниво создава позитивна клима и развивање на односите меѓу економско-социјалните партнери во креирањето на локалните политики кои влијаат стимулирачки за намалување на стапката на невработеност, пораст на животниот стандард и воспоставување социјална правда и социјална кохезија меѓу оние кои бараат работа и оние кои нудат нови работни места.

Инаку, неколкумина стопанственици на самиот почеток ја напуштија панел дискусијата заради неприсуството на заменик претседателот на Владата, Кочо Ангушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенција за вработување-Билјана Јовановска. Тие беа најавени од организаторите, но како што беше кажано на почетокот поради неодложни обврски не можеле да присуствуваат на настанот во Струмица.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2019 16:26