Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој од 29 ноември до 1 декември ќе организира ФинХакатон2 чија цел е изготвување на иновативна маркетинг стратегија за новата наградна игра “МојДДВ, #МојаНаграда”.
„ФинХакатон 2“:МојДДВ,#МојаНаграда е наменет за маркетинг агенции и други домашни компании регистрирани согласно законот за трговски друштва, кои може да понудат иновативна маркетинг стратегија. Со цел поддршка на младите, заинтересирани компаниите во својот тим ќе биде потребно да вклучат и студенти со најмалку запишани студии од областа на економија, право, организациски студии, дизајн, односи со јавност или сродни студии.
Пријавувањето е до една минута до полноќ на 27-ми ноември, а натпреварувачите за три дена ќе треба да направат иновативна маркетинг стратегија за новата наградна игра.
Од хакатонот треба да произлезе иновативна маркетинг стратегија за следните 12 месеци за брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра “МојДДВ, #МојаНаграда”. Буџетот за имплементирање на стратегијата за победничкиот тим ќе изнесува 2 милиони денари.
На инфо сесијата која се одржа денеска со претставници од маркетинг коморите, а на која присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски беше презентиран јавниот повик за пријавување.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека мерката МојДДВ ги исполнува целите за кои била дизајнирана, односно намалување на сивата економија и зголемување на свеста на граѓаните да бараат фискална сметка. Со цел да се прошири опсегот уште повеќе, од средината на декември ќе започне МојДДВ #МојаНаграда, чиј награден фонд ќе биде половина милион евра и ќе се доделуваат парични награди на дневна, месечна основа, како и две главни премии, најави Ангеловска.
- Покрај повратот, кој ќе го остваруваат граѓаните со скенирање на фискалните сметки, тие ќе може да станат и добитници на парична награда. Со ова граѓаните ќе имаат уште поголем мотив да влијаат и на адресирањето на сивата економија, односно секоја скенирана фискална сметка потенцијално е добитна. Зборуваме за една вин-вин наградна игра, бидејќи сите добиваме - единствено кога губи сивата економија - рече министерката за финансии Ангеловска.
Директорот на Фондот за иновации Деспотовски рече дека ваквите настани се шанса за младите и иновативни луѓе да бидат вклучени во креирање и спроведување политики и проекти на државни институции.
- Концептот на Хакатон подразбира дека можеме да бидеме пофлексибилни и да вклучиме и млади креативни луѓе да учествуваат во креирањето на прeдлог решенија чија цел се отворени и транспарентни институции. Ова е исто така пример за конкретна примена на иновации во јавен сектор со кој граѓаните ќе добијат поефикасна и поквалитетна услуга. ФИТР веќе поодржува многу проекти кои предвидуваат креативноста и флексибилноста на приватниот сектор кој ќе може да се примени и во јавниот сектор. Очекувам дека ќе добиеме навистина добри решенија кои ќе бидат спроведени во партнерство меѓу етаблирани домашни конпании и студенти - изјави Деспотовски.
Тоj ги повика и останатите државни институции да креираат ваков тип на иницијативи како Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, во кои би се вклучиле млади луѓе.
Сите детали за ФинХакатон2:“МојДДВ,#МојаНаграда”, како и формата за пријавување може да се најдат на веб-страните на Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој.