Со видеа симнати и купени од интернет Грците решија да го спакуваат и презентираат маркетиншкиот слоган и кампања „Macedonia the Great“. Италијанско грозје, полиња соја, илустрации од маса полна храна од Естонија...
Првото, видеото од италијанското грозје може да се симне за 65 долари со помал квалитет, во ХД е 79 долари. Ист износ се и приказот на полиња соја што се прскаат, а и цената што треба да се плати за да се симнат видеа од полната трпеза, илустрација од дигитални кодови. Сите потребни 4 кратки видеа се достапни на веб страницата „Шатерсток“, објави „Алфа“.
Видео презентацијата за брендот со кој Атина се фали и го претстави непосредно пред премиерот Зоран Заев да оди во Солун чини нешто повеќе од 300 долари.
Дали со вака евтин и неавтентичен спот всушност грчкиот премиер признава оти не вирее грозје или убава храна во северниот дел на неговата земја? Каква порака со брзиот и евтин спот испраќа Грција?
Вкупно 79 трговски марки го содржат зборот Македонија, 77 ја имаат англиската верзија на името, а придавката македонски ја содржат 12 регистрирани трговски марки.
Неминовно останува да лебди прашањето: што ако ние брендиравме производи пред Грција и без нејзина согласност? Како ќе беше дочекан нашиот спот, на пример, Велика Македонија? Ама вистинска, со лозје од Гевгелија, трпеза со тетовско гравче, малешевско сирење и струмички ајвар.