Со големи очекувања на тутунопроизводителите, денеска почна откупот на тутунот од годинашнава реколта. Откупните пунктови ги отворија Прилепскиот тутунски комбинат и компаниите „Сокотаб“ од Битола и грчката фирма „Секе“.

Тутунот е со одличен квалитет, повисок од ланскиот па се очекува и повисока просечна откупна цена. Со тоа се согласуваат тутунопроизводителите, откупувачите и Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Годинашнава реколта се очекува да тежи преку 25.000 тони и нешто повеќе од ланската.

Прилепскиот тутунопроизводител Ристе Младеноски кој го донесе својот род на вага да се проценува во прилепскиот Тутунски комбинат вели дека цел живот се занимава со тутунопроизводство и поради повисокиот квалитет очекува добра откупна цена.

-Цел живот проиведувам тутун. Имам два тона тутун, донесов за процена. Досега процената е прва и втора класа. Лани постигнав просечна цена од 250 денари за килограм, годинава поради повисокиот квалитет очекуваме повисока цена, вели Младеноски додека чека процена на вагата на откупниот пункт во Прилепскиот тутунски комбинат.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски се очекува мирна и солидна откупна кампања. За откуп се лиценцирани девет компании кои имаат гаранции за исплата и за шест отсто се очекува поголем род од ланскиот, како и повисока просечна откупна цена поради повисокиот квалитет.

-Вкупно девет комапнии ќе го откупуваат тутунот од годинашнава реколта. На последната средба со откупувачите беше констатирно дека сите се подготвени за откупната кампања и сите ќе започнат со откуп во законскиот временски рок, а последен рок е 15 декември. Се очекува добра сезона, квалитетот, исто така, е добар. Сите откупувачи имаат обезбедено средства за исплата на откупениот род. Според податоците, во Министерството досега се верифицирани 226 мостри тутун од кои 204 мостри се од типот „прилеп“, а 24 мостри од типот „јака“, евидентирани се 210 откупни пунктови. Годинава со тутун се засадени 13342 хектари и се склучени вкупно 32798 договори со осум регистрирани откупни компании. Издадени се 20933 евидентни листои кои, според новиот Закон за тутун од в година ќе ги нема, постапката е олеснета и со склучувањето на договорите со откупувачите ќе ги има податоците и Министерството. Годинава се очекува род за 6 проценти поголем од ланскиот. На откупните пунктови и на вагите има лиценцирани контролори, повереници на тутунарите кои ќе го следат откупот. Очекуваме добра, редовна откупна кампања. Со оглед на најавата дека квалитетот на тутунот е подобар, очекуваме да се постигне и повисока откупна цена од ланската, рече Димковски.

Порача до тутунарите до наредната производствена година да внимаваат доколку за одредена површина со тутун склучат договор со една откупна компанија, да не склучуваат договор за истата парцела со друг откупувач.

-Нема да се толерираат двојни договори за иста парцела со тутун, истакна Димковски.

На прашањето што со тоа дека на пазарите се продава режан тутун, министерот Димковски повика пазарниот и земјоделскиот инспекторат да го контролираат тоа. Инаку, Министерството ќе соработува со Сојуз на тутунарите кој има членови минимун 30 отсто од вкупниот број тутунопроизводители во земјава како што е пропишано и со новиот Закон за тутун.

– Факт е дека лани имаше турболенции во Сојузот на тутунските здруженија. Имаме соработка со Сојузот на тутунските здруженија и не очекувам дека ќе има проблем со поставувањето повереници на откупните пунктови. Лани имаше превирања и се говореше за злоупотреби за кои надлежна е Финансиската полиција и верувам дека се води постапката за расчистување на превирањата. Годинава не се најавуваат проблеми, изјави Димковски.

На прашањето дали тутунот има алтернатива, на пример со медицинскиот канабис, Димковски со одговор дека за ова не може да се прави паралела.

– Тука не може да се прави паралела, а за се друго решаваат тутунарите. Инаку, со Европската унија спроведуваме проект за алтернатива за тутунот. Тука е растението стевија, увезено од Шпанија, но ќе треба да се анализираат податоците од почетните површини засадени со ова растение, рече Димковски.

Прилепскиот Тутунски комбинат, како што нагласува генералниот директор Кире Станкоски е целосно подготвен за откупот на договорените околу 3000 тони тутун, а исплатата е по еден ден од откупот.

-Прилепскиот Тутунски комбинат е целосно подготвен за откупот на тутунот од оваа реколта. Ќе откупи околу 3000 тони. Откупот почнува на 25 пунктови со 34 ваги. Од петок откупот почнува и во населените места, а исплатата ќе биде по еден ден од откупениот род.

Директорот на државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ нагласува дека не се очекуваат проблеми во откупната кампања.

– Денеска откупот го почнаа компании: Прилепскиот тутунски комбинат, на откупните пунктови на „Сокотаб“ од Битола и на пунктовите на компанијата „Секе“. Според состанокот со откупувачите, седум компании имаат обезбедено гаранција за исплата на откупениот тутун, а уште две компании треба во текот на роковите да го сторат тоа. Крајниот рок за почетокот на откупот на тутунот е 15 декември. Утре продолжува откупот согласно договорот на динамиката за откуп, рече Шапуриќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2019 15:45