Преку мерки за дигитализација на институциите од фискалниот сектор, како Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, може значително да се влијае врз намалувањето на сивата економија. Истовремено користејќи ја технологијата ќе се преземаат и понатамошни мерки за подобрување на фискалната транспарентност, како предуслов за фискална ефикасност.

Ова, како што соопштуваат од Министерството за финансии, се дел од темите што беа дискустирани на средбата помеѓу министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска со заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд Тао Жанг, што се одржа во Скопје, а на која присуствуваше и шефицата на Канцеларијата на Фондот во Виена, Штефани Ебле.

На средбата беа поздравени напорите кои земјата ги прави во покачувањето на фискалната транспарентност, како платформата „Отворени финансии“, која беше пуштена вчера и со која на јавноста и се ставаат на увид сите исплати од трезорот на државата. Исто така, беше изразена поддршка за идеите и мерките во насока на намалување на сивата економија.

Од страна на претставниците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е истакнато дека Фондот и Република Северна Македонија имаат партнерски однос и дека и тие се отворени и за добивање, а не само за давање на препораки и сугестии.

Меѓународниот монетарен фонд, во завршната изјава од неодамнешната редовна мисија во земјава посочи дека преку реформите за сузбивање на сивата економија ќе се помогне во подобрување на деловната клима во земјата и ќе се заштитат работниците, а исто така ќе имаат и потенцијално големи придобивки во смисла на приходи. Фондот посочи дека неформалната економија е штетна поради соочување на легалните бизниси со нелојална конкуренција, која не плаќа даноци или не е усогласена со регулативите, додека работниците во неформалниот сектор се лишени од работничките права, а јавните ресурси се намалени.

Во соопштенето се наведува дека согласно последните оценки на ММФ, изгледите за раст на македонската економија се покачени. Се очекува растот дополнително да зајакнува во текот на оваа година, додека преку пониските даноци и повисоките пензии и плати, се очекува да бидат дополнителен стимул за потрошувачката, што ќе резултира со уште посилен раст догодина.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2019 12:48