Унапредување на работничките права, зајакнување на социјалниот дијалог и колективно договарање, треба да овозможи новиот закон за работни односи за кој повеќе од година и пол разговараат социјалните партнери – државата, работодавачите и синдикатите. Законските одредби треба да бидат усогласени со европските и светски стандарди, но и јасни и прецизни и договорени низ дијалог со цел да можат да се применуваат и почитуваат.

-Ние како синдикати се залагаме за договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови со траење до една година, за 38 часовна работна недела, за породилно отсуство до 12 месеци, почитување на уредувањето на платите со закон, но и со колективен договор, за целосно остварување на правото на годишен одмор и почитување на конвенциите за слобода за синдикално организирање, унапредување на колективното договарање и социјален дијалог на сите нивоа, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека размислувањата на европските и светски синдикални движења одат во насока на баланс, и да се заштитат работничките права но и да се постави флексибилност на пазарот на труд што, како што рече, е важно за економскиот раст.

Таа појасни дека во изминатите година и половина се разговара со овој закон и со синдикатите, но и со организациите на работодавачи за тоа какво подобрување на работничките права е потребно, а вклучени биле и академската фела и стопанските комори, иако законски тие не се дел од партнерите за социјалниот дијалог.

-Потебни се уште неколку нивоа дискусии за да се договорат големите или стратешките прашања кои овој закон ги решава, европски и усогласен со европските директиви. Кога ќе биде постигнат конечниот договор тоа ќе го соопштиме заедно со нашите партнери, рече Царовска.

Таа иако не сакаше да појаснува за кои делови е постигната согласност само рече дека ширината на Организацијата на работодавачи и на стопанските комори била на завидно ниво, затоа што, како што рече, се смета дека инвестирањето во работникот во овој период на развој на нашата држава е неопходно со цел квалитетните работници да останат тука да работат и да бидат попродуктивни. Можам само да кажам, рече Царовска, дека немаше драстични противења.

Таа е уверена законските одредби зад кои сите застанат се прецизни, тие и ќе се почитуваат.

Премиерот Зоран Заев вели дека договорањето за овој закон е само уште една од активностите на Владата за унапредување на правата на работниците и подигнување на нивниот стандард.

-Капитал факторот треба да споделува повеќе профит со работниците, кои така ќе бидат попродуктивни, но и ќе враќаат со повеќе трошење, плаќање давачки кон државата, со обезбедување поквалитетн живот, а на среден и краток рок од тоа сите ќе имаат добивка. Фер распределбата за сите чинители во општеството и економијата ќе ја направи нашата земја подобро место за живеење, а и ќе ги мотивра младите да останат овде да создаваат семејства и да градат кариера, рече Заев.

Со новиот закон, додаде тој, треба да се најдат решенија за сезонската работа, за работата од дома и домашната работа, за работа на определено време и работата од далечина, еднаквиот третман на мажите и жените, за регулација за ноќната работа, дискриминацијата, еднаква плата за работа со еднаква вредност, …

Тој смета дека планира вградување на директивите на ЕУ и МОТ, што заедно со инклузивноста на процесот за донесување во дијалог со социјалните партнери ќе овозможи законот да може доследно да се применува и почитува.

Лука Винсентини, генералниот секретар на европската конфедерација на синдикати вели дека државата направила доста за работниците во зиминатиот период особено со зголемување на БДП и минималната плата, но оти тоа се уште не е доволно.

– Треба да се понудат квалитетни работни места за младите со цел тие да не ја напуштат државата, но и исто така и платите да бидат на соодветно ниво затоа што ние имаме минимална плата која е на пониско ниво отколку што изнесува потрошувачката кошничка. Исто така она што е битно е почитувањето на колективното договарање особено во приватниот сектор, рече тој.

За почитувањето на правата на работниците треба да се води сметка при донесувањето законот за работни односи. Треба, додаде, да се задржат позитивните работи во постојниот, да се зајкне колективното договарање и социјалниот дијалог и да се земе предвид јазот со европското законодавство.

Смета и дека државата треба да побара од инвеститорите во земјава да овозможат почитување на работничките права онака како што тоа го прават во нивните земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/11/2019 15:44