Членови на Извршниот одбор на КСС се сретнаа со специјалниот советник на генералниот секретар на Светската конфедерација на синдикати (ИТУК), Јап Винен.
– Досега КСС има остварено повеќе средби со високи претставници од Светската конфедерација на синдикати (ИТУК), во која што сме и полноправни членки, кои се потполно запознаени со состојбите со синдикалното организирање и синдикалното делување во Македонија, со кршење на законите, непочитување на колективните договори, загрозување и директно мешање во синдикалното организирање, како и со кримналните дејствија нанесени врз синдикатот во организација на високи претставници од Владата, за кои се водат судски постапки и за кои добиваме позитивни судски пресуди, наведуваат во соопштението од КСС.
Оттаму оценуваат дека средбата со Винен, остварена вчера, е од големо заначење бидејќи се разговарало подетално за недозволивите состојби во областа на синдикалното движење во Македонија, а исто така и за понатамошните чекори што заеднички треба да се преземат со цел да се прекине овој несоцијален и недемократски начин на кој делува Владата кон синдикатите, односно кон КСС.
Специјалниот советник Винен, стои во соопштението, ќе побара специјална мисија, во организација на Светската и Европската конфедерација на синдикати заедно со Меѓународната организација на трудот за состојбата со синдикатот во Македонија, бидејќи е донесен заклучок дека во оваа држава таква специјална мисија е навистина неопходна.
На средбата имало и плодна дискусија околу економскиот и стопанскиот развој во земјава, околу законот за работни односи за кој се согласиле дека е по европски терк, но и за останатите закони кои се однесуваат на работниците.