Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги известува сите заинтересирани дека од денеска е објавена Најавата за нов повик за ИПАРД, поточно за Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“.

Како што соопшти Агенцијата, јавниот повик за доставување барања за користење финансиски средства од петтата компонента на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програма за периодот 2014-2020) година ќе биде објавен во втората половина на декември годинава.

Директорот на Агенцијата Николче Бабовски, информира дека од денеска, па во наредниот период, за сите заинтересирани кои сaкаат да користaт средства од ИПАРД програмата, поточно преку Мерката 3, „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ им се дава подготвителен период од најмалку 30 дена за прибирање на потребната документација за изработка на апликации за поднесување на барања за користење на финансиска поддршка од ИПАРД 2 Програмата.

– Со помош на средствата од оваа мерка ќе може да се реализираат инвестиции за преработка и производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, вклучувајќи и јајца, живина, овошје и зеленчук, вклучувајќи печурки, компири и илегуминозни култури, житарици, млечни продукти и скроб, зеленчукови производи, масла и маснотии од животни, шира, вино и оцет, појаснува Бабовски.

Преку Мерката 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, ќе може да се набават машини, опрема за преработка на земјоделски производи, од растително и животинско потекло, како и да градат нови или реконструираат постоечки објекти за преработувачки капацитети, а со цел унапредување на домашниот агро – сектор и достигнување на ЕУ стандардите.

Деталите за Јавниот повик 02/2019, ќе бидат објавени дополнително, поточно втората половина на декември а огласот ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавување на Јавниот повик во дневните весници. Сите кои сакаат да аплицират за добивање на средства од ИПАРД 2 програмата, ќе треба да ја подготват потребната документација и откако ќе биде објавен повикот да поднесат барања. Апликациите мора да бидат целосно комплетни.

Начинот и постапката за користење на финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2014-2020 се пропишани во Уредбата. Во наредниот период а со цел поголема информираност на заинтересираните страни, тимови од Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ, од Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој, и од АПРЗ, ќе одржат ИПАРД инфо денови и работилници на кои сите заинтересирани ќе можат да се информираат и да поставуваат конкретни прашања за можностите и начинот за искористување на овие средства.

Со користење на европските средства од петтата компонента на инструментот за претпристапна помош се унапредува и осовременува домашниот агро-сектор, а со тоа се овозможува зголемено производство, квалитет, како и пласман на домашните земјоделски производи во странство, се наведува во соопштението на Агенцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2019 13:54