Винарски визби не гледаат со потсмев, толку одбивност има од нивна страна на состаноците кога се преговара за откупните цени, рече претседателката на Националната федерација на фармери, Васе Мојсовска, на трибина во Неготино.
-Барав и за грозјето да има законско решение како за тутунот. Да се гарантира минимална цена од 15 до 17 денари за килограм винско грозје, да се отстрани членот 17 кој дозволува осум проценти помала цена ако грозјето се плати веднаш. Од страна на претставници на винарски визби бевме исмеани, истакна Мојсовска според која лозарите не треба да протестираат по плоштади кога се откупува грозјето, туку пред винарски визби кои се однесуваат монополски како откупувачи.
-Државата треба само да помогне со измени на закони, со внесување заштитни мерки и механизми за да може да се подобри продажбата на грозјето, дополни Мојсовска.
Нејзиното излагање беше дел од едукативната трибина „Родова еднаквост и руралните жени”. Настанот се одржа во рамки на проектот „Институционална подршка на НФФ“, поддржан од Шведската развојна организација We Effect.
Мојсовска имаше презентација за род и стереотипи. Зборуваа и Билјана Петровска – Митревска, проект менаџер, која се осврна на човековите права, како и Фросина Георгиевска, координатор на мрежата на жени фармери на НФФ чиј фокус беше дискриминацијата.