Градоначалникот на Општина Битола Наташа Петровска, Зоран Стерјев претставник на РК Еурофарм Работник и Сашо Шамбевски, генерален директор на РК Пелистер, денес потпишаа договор со кој двата битолски ракометни клубови се здружија во еден и во иднина ќе се вика Еурофарм Пелистер.

– Спортот треба да им биде оставен на спортистите и спортските работници и затоа како градоначалник ја поддржав идејата на спортистите и љубителите на спортот за здружување на двата клуба.

Договорот е изработен низ транспарентен процес, изгласен е и од Советот на Општина Битола, а јас посакувам во иднина ракометна Битола да ја врати славата што ја имаше во минатото. Освен ракометот ние ќе ги помагаме и другите спортски дисциплини, изјави Петровска по потпишувањето на договорот за здружување на двата ракометни клубови.

Според Зоран Стерјев, претставник на РК Еурофарм Работник, договорот е резултат на квалитетен преговарачки процес во кој времето на донесување на одлуката не беше приоритет туку темелниот пристап.

– Претстои светла иднина на ракометот кој е исклучително сензитивна тема за Битола и битолчани. Идејата за овој договор беше иницирана од спортски работници и поранешни ракометари кои сметаа дека фузијата меѓу двата клуба може да биде основа за да се создаде поголем исчекор на домашна и меѓународна сцена. Договорот е в темелен на чесни намери, а целта е да се врати сјајот на битолскиот ракомет и повторно да се гордееме со ракометните успеси, истакна Стерјев.

За потпишаниот договор и формирањето на единствен ракометен клуб Еурофарм Пелистер ќе бидат известени РСМ, СЕХА и Европската ракометна федерација.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2019 13:21