Финската политичарка Сана Марин (34), доколку биде избрана за нова претседателка на владата, ќе стане најмлада премиерка на светот.

Социјалдемократската партија ја избра Марин за кандидатка за премиер, откако досегашниот премиер Анти Рине поднесе оставка.

Марин, како што се очекува, ќе положи заклетва оваа недела откако ќе добие поддршка од Парламентот. Таа ќе ја предводи коалициската влада на лев центар со уште четири партии, кои исто така се предводени од жени, од кои три се помлади од 35 години.

Кога ќе ја преземе должноста, Сана Марин ќе биде најмладата премиерка на светот, помлада од новозеландската премиерка Џасинда Ардерм (39) и украинскиот премиер Олексиј Хончарук (35).

Би Би Си пишува дека Марин пораснала во хомосексуално семејство, односно нејзината мајка ја одгледала заедно со својата партнерка.

Таа за медиумите изјавила дека како дете се чувствувала „невидливо“ бидејќи не можела отворено да зборува за своето семејство, како и дека секогаш имала поддршка од својата мајка. Исто така, и дека прва од своето семејство се запишала на универзитет.

Марин брзо напредувала во Социјалдемократската партија, чиј пратеник станала во 2015 година. Од јуни оваа година е поставена за министерка за сообраќај. Има 22-месечна ќерка.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/12/2019 16:05