Европската унија почна да работи на создавање режим на санкции во областа на човековите права, слично на „Законот Магнитски“ во САД, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозел Борел по средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.

– По барање на повеќе држави се согласимве да започнеме со создавање на глобален режим на санкции во врска со човековите права, кој ќе биде сличен на „Законот Магнитски“ во САД, истакна Борел.

На новинарско прашање дали некои земји биле против таков режим, тој одговори дека „доколку една држава се спротивставеше, ние немаше да одлучиме да го започнеме процесот. Таа одлука е едногласна, имаме силен консензус“.

Борел нагласи дека ЕУ веќе има слични режими на санкции, на пример против лица кои се одговорни за користење или ширење на хемиско оружје.

– Постоењето на истиот инструмент ќе ни дозволи да реагираме на сериозни прекршувања на човековите права, додаде шефот на европската дипломатија.

„Законот Магнитски“ е усвоен од Конгресот на САД и потпишан од поранешниот претседател Барак Обама во декември 2012 година. Законот предвидува воведување еднострани санкции против руски претставници, кои се виновни од гледна точка на САД за нарушување на човековите права во татковината. Во декември 2016 година Сенатот усвои предлог закон, со кој се предвидува можност за проширување на „Законот Магнитски“ за други земји, а не само за Русија.

Набрзо такви закони се донесени и во Канада, Литванија, Летонија и Естонија, а соодветни предлог акти се разгледуваат во уште неколку држави.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/12/2019 00:42