Сто најголеми компании во светот за производство на оружје и понудувачи на воени услуги минатата година го зголемија профитот за речиси пет отсто, објави Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ).
Вкупниот промет изнесувал 420 милијарди долари, што е 4,6 отсто повеќе отколку во 2017 година. Светското производство на оружје е зголемено за 47 проценти во однос на 2002 година, тоа се податоците на СИПРИ за обртот на стотте најголеми производители на оружје.
Според институтот, Американците доминираат, рускиот профит малку се намалил, додека за Кина нема податоци.
Раст на продажбата бележат пред се пет најголеми американски претпријатија.
Европските компании, исто така, забележиле мал раст на продажбата од 0,7 отсто, продавајќи оружје и воени услуги за 102 милијарди долари.
Прометот на руските компании се намалил за 0,4 отсто. Вкупно во тековната година изнесувал 36,3 милијарди долари. Од 2009 година уделот на руските компании во производството на оружје континуирано се зголемувал, наведува СИПРИ. Причина е пред се зголемувањето на руските инвестиции во производството на оружје поврзано со примената на големиот план за воена модернизација во период меѓу 2011 и 2020 година.
Првпат од 2002 година група од пет најголеми производители на оружје ја сочинуваат исклучиво американски компании кои имаат дури 35 отсто од профитот меѓу 100-те најголеми производители на оружје во светот.
Само „Локид Мартин“ има 11 отсто од вкупната продажба на стотте најсилни фирми, а минатата година била плодна за тој концерн најмногу поради продажба на авионите Ф-35.
Меѓу 100-те најголеми компании се наоѓаат 27 од европскиот континент. Предност има Велика Британија, чии големи компании продале оружје и услуги за 35,1 милијарда долари, потоа следуваат француските со 23,2 милијарди и германските со 8,4 милијарди долари.
На листата на 100 најголеми светски производители на оружје се наоѓаат и компании од осум други земји: Израел, Индија, Јужна Кореја, Турција, Австралија, Канада и Сингапур. Овие концерни вкупно остваруваат промет од 36,2 милијарди долари.