Театарот за деца и младинци од Скопје на 17 декември во Охрид ќе ја одигра детската куклена претстава „Тоби“. Претставата за најмладите во Охрид ја организира Националната установа „Охридско лето“.

Самата претстава „Тоби“ е авторско дело на Флоријан Зденек, а зборува за ликот на песот-јазовичар Тоби кој го минува патот на спознавање на една голема вистина.

– Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како непремостива препрека, никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Каква тага и горчина … Меѓутоа, ако имате, како јазовичарот Тоби, пријателка како госпоѓата Флора, вие многу брзо ќе ја надминете оваа безмислена грижа. Едноставно, со помош на пријателите ќе се видите себе си од еден сосема друг, среќен агол. Па, вие сте вешти, остроумни, но и многу згодни. И уште нешто, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни, вели режисерот на претставата Драгослав Тодоровиќ.

И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни и слично.

– Во секој случај, најважно е, ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да го понудиме на овој свет, додава Тодоровиќ.

Публиката ќе може да види навистина богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои вешто водени од актерите ќе донесат многу свежина и игра во детските очи.

Детската куклена претстава „Тоби“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток од 12:00 часот. Претставата премиерно беше изведена минатата година, а истовремено, ова е нејзина праизведба во Република Северна Македонија.

„Охридско лето“ , како што велат од управата на национална установа, и натаму ќе продолжи со практиката за збогатување на културната понуда во градот надвор од редовниот фестивалски термин.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/12/2019 14:55