Под мотото „Партизан обединува“, Општина Карпош денеска организираше настан на кој граѓаните ги разгледуваа предложените идејни проекти за обнова на познатата спортска сала, а се чистеше и околниот простор со оградување на објектот за да се спречи дополнително уништување.

На денешната маалска дружба, како што соопшти Општината, присуствале повеќе граѓани, а пред присутните се обратиле претставници од институциите, граѓанскиот сектор и архитектот на салата Трајко Димитров.

Градоначалникот Стефан Богоев истакнал дека двата идејни проекта за ревитализација на салата ќе бидат објавени на општинската веб-страница, а карпошани ќе гласаат за новиот лик на овој култен спортски објект. Тој го истакнал задоволството што салата конечно е во владение на Општината, а се заблагодарил и до сите страни кои биле дел од Иницијативата за спас на „Партизан“.

– Трајно го заштитивме овој јавен простор. Тука нема да има нова зграда, туку нова спортско-рекреативна зона, спортски центар кој ќе поврзува различни генерации. „Партизан“ е во срцата на многу граѓани, а тука младите ќе можат да создаваат нови спомени и моменти, рече Богоев.

Според Симона Димковска, претседателка на меѓународното здружение „Културно ехо“, ова е позитивен пример како стар и напуштен објект може да се заштити и да се преземат активности за негова ревитализација и повторно враќање во функција на спортот и граѓаните.

За обнова на салата се предвидени средства од Агенцијата за млади и спорт. Првиот човек на АМС, Дарко Каевски истакнал дека реконструкцијата на „Партизан“ е дел од буџетската програма на институцијата за претстојната 2020 година.

– Посебни емоции кај присутните предизвика обраќањето на еден од најистакнатите македонски архитекти, Трајко Димитров, кој е идеен творец на салата. Почитуваниот Димитров изрази задоволство што идејните проекти го гарантираат автентичниот изглед на салата, но даваат и нова енергија на целиот простор, наведува Општина Карпош во соопштението.

Граѓаните денеска можеа да ги видат идејните проекти, а на почетокот на 2020 година ќе имаат можност и да гласаат електронски, со што ќе се обезбеди и нивна вклученост во овој процес.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2019 16:33