Точно 2.089.310 Словенци ќе ја паметат 2019 година по изборите за Европскиот парламент, неколку афери и бизарни настани, но и по големи успеси во полето на спортот и науката. Во годината што полека изминува Словенија влезе во друштво на Шведска, Малта и Луксембург, како земји членки на Европската Унија каде што живеат повеќе мажи од жени. Ова се случува првпат во историјата на земјата, каде што во изминативе 160 години откога се пребројува населението секогаш и без исклучок побројни беа жените.

Како и речиси во сите држави, изборите за Европскиот парламент и во Словенија се гледаа како добар повод политичките партии, пред сè оние од власта и опозицијата да си ги измерат силите. Тие се одржаа на 26 мај, а Словенија во Европскиот парламент ја претставуваат вкупно 8 пратеници. Резултатите од изборите беа три пратенички места за десничарската коалиција на СДС и СЛС предводена од опозицискиот лидер Јанез Јанша. Социјалдемократите на актуелниот претседател на словенечкиот парламент Дејан Жидан освоија две места, исто колку и Листата на Марјан Шарец, секако предводена од премиерот Шарец. Преку оваа листа, во Европскиот парламент мандат доби и новинарката Ирена Јовева, која потекнува од Северна Македонија, односно Кочани. Еден мандат добија и демохристијаните на НСИ. Европските избори на Словенија ѝ донесоа и комесар, односно Јанез Ленарчиќ веќе го започна својот мандат како нов еврокомесар за кризен менаџмент.

Ангелика Млинар Оваа година, првпат во својата историја, официјална Љубљана доби и министер кој својата политичка кариера ја почна и ја разви во соседна Австрија. Пред само неколку дена, по многу превирања и дебати, само со еден глас разлика, Парламентот ја изгласа Ангелика Млинар за нов министер за кохезија и развој. За да ја добие функцијата, таа прво по скратена постапка мораше да земе словенечко државјанство, бидејќи е австриски државјанин. Ова отвори многу дилеми и дебати во соседна Австрија, каде што првпат беше дозволено некој да има двојно државјанство. За да добие и словенечко по итна постапка ѝ помогна тоа што е родена во дел на Австрија, односно Австриска Корошка, каде што живеат етнички Словенци и тоа што таа беше третирана како човек од национален интерес.

Две илјади и деветнаесетта не беше „богата” само по политика. Настан од рубриката „црна хроника” летово ја брануваше јавноста. Почна судскиот процес против Себастиен Абрамов, кој се сомничи дека ја натерал својата девојка да си ја пресече раката, откако претходно наводно таа се осигурила во повеќе осигурителни компании. Целта според сè уште непотврдените информации на локалните медиуми била многу едноставна – пари.

Во Словенија оваа година, пред сè поради антивакциналните кампањи повеќе луѓе се заразија со морбили. Според податоците на здравствените власти процентот на вакцинација од 95 отсто, што е европски процес, падна на 93 проценти. Државата сепак не успеа да најде соодветна „вакцина” и да ја спаси „Адрија” од банкрот. Две илјади и деветнаесетта година секако ќе остане запаметена и по тоа што авиопревозникот, кој беше словенечка гордост, финансиски пропадна по што отиде во стечај. Проблемите почнаа кога државата реши да ја продаде компанијата на странски инвеститор, а резултатот од овој потег не беше добар. Револтот кај граѓаните беше голем, а новите анализи покажаа дека финансиски е неисплатливо да се формира нов државен авиопревозник.

Освен во револтот по пропаѓањето на „Адрија“, Словенците се обединија и за хуманитарни цели. Деветнаесетмесечниот Крис од Копер стана вистински симбол на општествената солидарност. На детето кое боледува од спинална мускулна атрофија за да оздрави му беше потребен најскапиот лек на светот, кој чини над два милиони евра. Семејството на Крис не можеше само да го плати, а непријател им беше и времето кое истекуваше, бидејќи лекот дејствува само кај деца помали од две години. Словенците почнаа масовна акција за собирање пари, во која набрзо се приклучија и повеќе видни личности од јавниот живот, уметници, политичари, спортисти. Парите беа собрани, а лекувањето на Крис почна.

Во 2019 година, кога Словенија одбележа 100 години од приклучувањето на регионот Прекмурје во матичната земја, националниот спортски суперхерој, кошаркарот Лука Дончиќ беше избран за дебитант на годината во американската НБА. И велосипедистот Примож Роглиќ ја израдува државата откако беше прв на шпанскиот „Град тур”.

Тоа што со Словенија секако се гордее е ноемвриската одлука на УНЕСКО, првиот глобален Центар за вештачка интелигенција да биде со седиште токму во Љубљана, а според најавите на властите ќе биде основан веќе во јануари. Од јануари следната години словенечката јавност и политичари секако сè уште ќе се занимаваат и со територијалниот спор со Хрватска околу Пиранскиот Залив.

Тоа што е најважно за просечниот жител на Словенија е дека на економијата ѝ оди добро, а државата полека но сигурно ги подигнува стандардите на севкупното живеење. Тоа што е битно за нас е што оваа држава е голем поддржувач на европските перспективи на Северна Македонија. Не само што е наш петти најголем економски партнер, туку е еден од потписниците на документот со кој се бара земјава да ги почне преговорите за членство во ЕУ час побрзо, а процедурите за промена на преговарачкиот модел на кои инсистира Франција да се одвиваат паралелно.

Александар Видиновски



Автор: Администратор
Објавено на: 29/12/2019 12:42