Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела „тешка телесна повреда“ од член 131 став 2 во врска со став 1 и „запуштање и малтретирање дете“ по член 201 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, соопшти ОЈО Скопје.

Осомничениот, како што соопшти обвинителството, на 7 јануари во домот на улица „Вашингтонска“ во Скопје, при вршење семејно насилство со умисла, тешко телесно повредил една оштетена со која живеел во вонбрачна заедница.

– По претходна вербална расправија, тој почнал да ја удира со тупаници во пределот на лицето, а потоа со тврд предмет-парче дрво замавнал и ја удрил по главата и телото. Потоа насилно ја турнал оштетената на подот и продолжил со клоци да ја удира по стомакот, нанесувајќи и тешки телесни повреди. Додека оштетената се обидела да повика помош, тој се приближил кон нејзината три-годишна ќерка и со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување како очув, започнал да ја удира со дрвен предмет по телото, да ја гризе и да и ги става рацете на шпоретот, со што и нанел тешки телесни повреди, соопштија од обвинителството.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2020 21:03