Некако оваа година ни оди во последните секунди, беа првите зборови на капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров по победата вечерва од 26-25 над Украина.
Токму тој го постигна решавачкиот гол пред звукот на сирената и ја донесе првата победа на континенталниот собир за „жолто-црвените“.
И тој, како селекторот Данило Брестовац, е на мислење дека младите репрезентативци избегнувале одговорност и не ги преземат работите во свои раце.
– Во последните 3 до 4 напади помладите играчи избегнуваа одговорност, тоа се гледаше од небо. Мислам дека треба да учиме од овој натпревар и нема од што да се плашиме. И да победиме и да изгубиме, ова е спорт, а помладите играчи ако сакаат да напредуваат во кариерата, мора да преземаат одговорност. Нема да им кажам ништо во соблекувална, бидејќи кога го правам тоа, тоа е дополнителен напор, изјави капитенот Лазаров по мечот.
Тој додаде дека најважна е победата и дека треба да продолжи традицијата на настап на големи натпреварувања, затоа што во тие моменти Македонија се обединува.
– Најважно е Македонија да е среќна и малку да го оттргнеме вниманието од сите политики кои се водат во последните години. Ќе се обидеме да се одмориме и да одиграме поквалитетен натпревар со Чешка, додаде Лазаров.