Капитенот на ракометната репрезентација на Македонија, Кире Лазаров по елиминацијата на селекцијата од Европското првенство изјави дека никој не посакувал слично сценарио и дека е многу разочаран, но допрва ќе се прават анализи.

– Одигравме под нивото. Направивме многу грешки и промашивме многу шутеви. Австријците нè изненадија со одбраната 5-1, со полуфластер на мене. Стојам зад тоа дека можеме да играме со овој тим на Австрија, многу пати сме ги победувале, изјави Лазаров по поразот од Австрија.

Тој се заблагодари на навивачите и воедно имсе извини за прикажаното на ова натпреварување.

– Останавме должни, заслужуваме секаква критика. Ова е удар за нас и за македонскиот ракомет. Треба да се направи анализа и да се почне од почеток, затоа што не смееме да го загубиме она што е најубаво, затоа што ниту една друга репрезентација не може да си дозволи 5.000-6.000 навивачи на првенство во друга земја. Kако капитен, сакам да им се извинам на сите кои беа тука и кои не гледаа од Македонија, вели Лазаров, кој го заврши Европското првенство со вкупно 22 гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/01/2020 23:39