Ракометарите на Хрватска во финалето в недела на Европското првенство во Стокхолм ќе играат против Шпанија, бранител на титулата освоена пред две години во Загреб. Шпанија во второто полуфинале синоќа ја совлада Словенија со 34-32 (20-15).

Шпанците за првпат се одвоија на три голови предност во 19. минута, и до полувремето имаа пет голови предност (20-15).

Во завршницата Словенците стигнаа до еден гол зад Шпанија, но со гол на Алекс Душебаев, Шпанија го запечати нивното второ последователно финале на Европското првенство, а вкупно – шесто.

Ангел Фернандез, Раул Ентрерирос и Душебаев, секој со шест погодоци, беа најзаслужни за победата на Шпанците.

Словенечките стрелци ги предводеше Јуре Доленец со седум голови, а шест постигна Блаж Јанц.

Хрватска ја победи Норвешка со 29-28 во првото полуфинале, но само по второто продолжение. Во главниот дел од мечот резултатот беше 23-23, а по првото продолжение беше 26-26, кога Домагој Дувњак реализираше од седум метри. Победата за Хрватска ја донесе Жељко Муса на четири секунди пред крајот на второто продолжение.

Мечот за третото место е утре попладне (сабота, 18.30 ч.) меѓу Норвешка и Словенија, големото финале меѓу Хрватска и Шпанија е в недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/01/2020 11:47