Премиерот Оливер Спасовски и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска заедно со градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски денеска ја посетија ЛТХ Леарница, компанија со словенечки капитал која се занимава со леење и машинска обработка на алуминиумски компоненти наменети за автомобилската индустрија.
Компанијата во 2018 година започнува нова инвестиција од 15,3 милиони евра, со која се прошируваат производствените капацитети, а постоечките 500 работни места се надополнат со 58 нови работни места.
Владините претставници беа информирани од страна на менаџментот на компанијата за идните развојни планови на компанијата.
Спасовски и Апостолска заеднички констатирале дека новиот инвестициски циклус во леарницата е доказ за реалните ефекти во економијата што Владата ги испорачува со своите политики за поддршката на бизнис секторот.
– Задоволство е што имаме компании кои се гордост на градот и државата, кои инвестираат и работат благодарение и на добрите бизнис политики кои ги има Владата. Разговаравме за тоа колку е важно партнерството меѓу бизнис заедницата и Владата, меѓу работодавачите и работниците Тоа партнерство дава резултати. Успешно е тоа што нудиме финансиска поддршка во делот на производството, таа можност ја користи и ЛТХ Леарница. Не информираа за нивните развојни планови во делот на градба на нови капацитети и набавка на нови машини, со цел да се зголеми производството и да се зголеми бројот на вработени. Според овој план ќе имаме дополнителни нови 58 вработувања, што ќе ја надмине моменталната бројката од 500 вработени, тоа е значајно не само за Охрид, туку и за државата. Ова нека биде поттик и за сите стопански субјекти да ги искористат добрите бизнис политики од страна на Владата и заеднички низ еден партнерски однос да си помогнеме и во делот на развојот на бизнисот и во економскиот напредок на Република Македонија, изјави Спасовски.
Според министерката Апостолска, ЛТХ Леарница е во континуиран процес на инвестиции и проширување на производството што зборува за реалните ефекти од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
– Она што е значајно е дека финансиската поддршка беше насочена кон технолошкиот развој, во продуктивни инвестиции, со што се потврдија успешните економски политики на Владата, која дава голем акцент и значење токму на бизнис секторот. Во рамки на леарницата ЛТХ позитивен пример е и тоа што тие во секојдневното производство големо внимание посветуваат и на едукацијата, справувајќи се со предизвикот на недостиг на работна сила во фаза се на воспоставување и на едукативен центар, изјави Апостолска, притоа посочувајќи дека проблемот со работната сила може да се надмине само преку соработката меѓу Владата и компаниите во напорите за создавање на поволна економска клима, зголемување на животниот стандард и економскиот раст.