Соработници на американскиот претседател Доналд Трамп бараат да биде именуван висок претставник во преговорите со Москва за нуклеарното оружје, пишува американскиот портал Политико, оценувајќи дека таквата иницијатива е насочена кон одложување на одлуката на Трамп за продолжување на последниот голем договор со Русија за контрола на оружјето – СТАРТ 3.
Претставникот ќе биде во својство на специјален пратеник, а негова главна задача е да ги води преговорите за контрола на оружјето.
Додека негов главен партнер во преговорите би била Москва, Трамп може да инсистира пратеникот да преземе уште потешка задача, а тоа е да ја убеди Кина да се вклучи во разговорите, наведува Политико.
– Американската администрација досега нема пронајдено никој што би сакал да ја преземе таа позиција, изјавиле за Политико неименувани поранешни функционери во Белата куќа.
Договорот СТАРТ-3 истекува на 5 февруари следната година, а Трамп се уште не одлучил дали ќе потпише продолжување на актот за намалување на нуклеарното оружје.