Портпаролот на авганистанските талибанци Сухаил Шахин денеска изјави дека до крајот на месецот ќе биде потпишан мировниот договор помеѓу талибанците и САД.

Претставниците на САД и на талибанците повеќе 1,5 година се обидуваат да најдат политичко решение за војната во Авганистан.

– Сите странски војници според договорот треба да го напуштат Авганистан. На никого нема да му дозволиме да ја користи авганистанската земја против друга држава, истакна Шахин.

Тој наведе и дека по потпишувањето на договорот ќе бидат ослободени околу 5.000 талибанци.

Тврдењата на Шахин не се потврдени од страна на САД.

Шахин посочи дека се очекува талибанците да објават седумдневно „намалување на насилството“, што го побараа САД пред да биде потпишан каков било договор. Но, тој не прецизира кога ќе почне седумдневното примирје.

Американскиот секретар за одбрана Марк Еспер во саботата истакна дека ќе се намали бројот на американски војници стационирани во Авганистан на 8.600 ако се исполнат одредени услови.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/02/2020 21:46