Мавровски меморијал е спортска манифестација која го промовира Маврово, како едно од најубавите туристички атракции во државава. Натпреварот се одржува во спомен на 38-те градители на електро системот Мавровка и 14 храбри граничари, кои го загубија животот во снежната лавина 1956 година.
Оваа година настанот ќе се одржи од 24 до 26 февруари на патеката Мирна долина, во Маврово, 57-ми пат по ред.
-Овој настан е во редот на настани кои се на светската мапа за нордиско трчање. и затоа и оваа година ќе се потрудиме да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, и да го направиме овој ФИС натпревар еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот, истакнана денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.
Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт како и секоја година претходно, така и овој пат, финансиски и логистички ќе ја поддржи организацијата на овој меѓународен, традиционален настан, кој првата реализација ја имаше далечната 1962 година.
На прес-конференцијата зборуваше претседателот на Мавровскиот меморијал, Кочо Кирацов, како и селекторот на македонската репрезентација во нордиско трчање Ѓоко Диневски.
Освен македонските претставници, свој настап ќе имаат натпреварувачи од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Турција, Бугарија, а за прв пат имаме натпреварувачи од Швајцарија и Русија.
Во извонредно силната конкуренција, нашата репрезентација ќе настапи со 10 натпреварувачи, во чиј состав е секако и нашиот најдобар нордиец Ставре Јада, кој ќе има прилика да го потврди евидентниот напредок утврден на последното светско јуниорско првенство. Обезбеден е пренос од двата натпреварувачки дена на ТВ 24.