Со убедливата победа над Кувајт со 22-13, македонската кадетска репрезентација го освои десеттото место на 17-те Медитерански ракометни игри што се одржуваат во грчката престолнина, што воедно е прво вакво големо натпреварување за нашите ракометари, јави дописничката на МИА од Атина.

Кадетите, утрово, во последниот натпревар од шампионатот стигнаа до третата победа, во групата за пласман од деветтото до 14-то место се најдоа на втората позиција, зад домаќинот Грција, а во конечниот пласман се десетти.

Селекторот на репрезентацијата Никола Матлиески и играчите Теодор Тодевски и Марко Митев во разговор со дописничката на МИА од Атина, веднаш по натпреварот со Кувајт, а кусо пред да заминат за Скопје, велат дека за нив ова е големо искуство.

Матлиески истакнува дека за оваа генерација ракометари, Медитеранските игри се прв голем турнир.

-Го завршивме натпреварувањето со три победи и еден нерешен натпревар, со 13 освоени бодови, и сме на десеттото место. Немавме некои поголеми очекувања од ова натпреварување, нашите играчи се во некој припремен период, не го достигнаа врвот на нивната форма, меѓутоа ова претставува големо искуство за нас, затоа што во нашата држава овие играчи се натпреваруваат во младинските категории и немаат доволно силни мечеви за да видат како е да се игра под притисок, да мора секоја третина да се добие, бидејќи тука секоја третина се бодува и мислам дека за во иднина, овој турнир ќе им претставува големо искуство и дека ќе направат еден исчекор напред во кариерата, вели селекторот на нашата кадетска репрезентација, Никола Матлиески.

За капитенот на репрезентацијата, Теодор Тодевски ова е второ искуство на голем турнир, а за десеттото место вели дека не е лошо, но дека можеле и подобро.

-Задоволен сум, секако можеше и подобро. Ние сме репрезентација што имаше неколку собири, четири – пет. Мислам дека е ок, не е дека сум премногу задоволен, но не е лошо. Сепак се надградуваме од година во година, вели Тодевски.

И неговиот соиграч Марко Митев смета дека репрезентацијата можела да стигне до подобар пласман, но според покажаната игра, на некој начин се задоволни.

-На турнирот имавме и добри и лоши страни. Со Шпанија почнавме добро, но завршивме лошо, со Грците имавме лош натпревар, едноставно не ни беше денот, немавме воопшто среќа. Сите ние заедно можеме подобро да играме, ако се склопиме поубаво, коментира Митев.

На Медитеранските игри што започнаа во понеделникот, а завршуваат денес, натпреварите се играат во три третини од 15 минути, а во првата групна фаза секоја репрезентација играше по два натпревари дневно.

За шест дена македонските кадети одиграа девет натпревари, но селекторот Матлиески вели дека „тоа не треба да биде некое алиби за играта”.

-Имаме големи недостатоци во играта кога се соочуваме со противник кој игра агресивна 3-2-1 одбрана или 3-3 агресина одбрана, затоа што кај нас во Македонија претежно се игра некоја пасивна зона 6-0 и ни беше многу тешко да напаѓаме на таа зона. И додека да се прилагодиме, моравме да бркаме резултат, меѓутоа од натпревар во натпревар играчите полека го сфаќаат тоа, вели за МИА селекторот на кадетската репрезентација.

Селекторот и играчите задоволни од убеделивата победа над Кувајт

Македонската репрезентација, утрово убедливо ја совлада репрезентацијата на Кувајт со 22-13 (5-3, 4-4, 13-6) и одигра одлично во третата третина, а селекторот и играчите се задоволни.

-На денешниот натпревар со Кувајт имаше добри моменти, но пак имаше некои неразбирливи почетнички грешки, тахнички грешки од типот на промашени зицери, или на пример сам си на контра и ти паѓа топката место да дадеш гол. Тие се некои ситници од индивидуален карактер кои треба да придонесат на колективната игра и тука се создава разликата, вели селекторот Матлиески и додава дека за денешниот натпревар „ можеме да бидеме задоволни од третиот период и само од бодовите”.

-Со Кувајт почнавме добро, задоволен сум целокупно, добро се ангажиравме во одбрана, нападот ни беше подобар од првите неколку натпревари, вели капитенот Тодевски.

-Прилично сум задоволен од денешниот натпревар, сите изигравме на ниво, онака како што знаеме, вели репрезентативецот Митев.

На Медитеранските игри, по групната фаза и во разигрувањето за деветто до 14-то, македонската кадетска репрезентација има пет порази, три победи и еден нерешен резултат.

Кадетите загубија од Црна гора (22-17), од Хрватска (21-18), од Шпанија ( 21- 14) од Тунис (19 -17) и од домаќинот Грција (25- 14), а беа поуспешни од Кувајт (22-13), од Мароко (21-17) и од репрезентацијата на Саудиска Арабија (22-14). Нерешено (18- 18) одиграа со Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2020 14:57