Од античка Олимпија, каде што на 12 март 2020 на традиционален начин ќе биде запален олимпискиот оган, преку 31 грчки град, по поминати 3500 километри, една седмица подоцна, на 19 март, ќе пристигне на Олимпискиот стадион во Атина и ќе им биде предаден на организаторите на Летните олимписки игри во Токио, јави дописничката на МИА од Атина.

Двете церемонии, едната во Олимпија, другата во Атина, денеска беа презентирани на прес конференција во грчкиот Олимписки Комитет.

По палењето, олимпискиот оган ќе патува на Пелопонез, оттаму преку атинското пристаниште Пиреас ќе стигне на островот Крит, па повторно назад во грчката престолнина за да замине за северна Грција и на крај, по седум дена да се врати во Атина, да преноќи на Акропол и на 19 март од Олимпискиот стадион да им биде предаден на организаторите.

-Огнот, овој пат ќе стигне од Крит до Александруполи, но сакам да истакнам две станици со симболично значење. Светиот симбол на елинизмот ќе го пренесеме на Кастелоризо, на оваа оддалечена грчка локација, испраќајќи силни пораки до сите насоки, во перод на интензивни турбуленции во целиот свет. Исто така, ќе помине низ Мати, бидејќи не сакаме и не треба да ја заборавиме трагедијата со пожарите во кои животот го загубија 100 наши сограѓани. А потоа, огнот ќе пристигне на Олимпискиот стадион и ќе биде предаден на нашите пријатели Јапонците, организатори на Олимписките игри, рече Спирос Капралос претседател на грчкиот Олимписки комитет.

Во штафетното пренесување на факелот со олимпискиот пламен низ Грција, оваа година, за прв пат имаа можност да учествуваат и обичните граѓани, а во грчкиот Олимписки комитет стигнале 2500 пријави.

Претседател на Комитетот за штафетно пренесување на факелот Сакис Василиадис рече дека огнот во Грција ќе помине низ 31 град, 15 археолошки локалитети, 3500 километри, 822 наутички милји, ќе бидат организирани 28 церемонии, а во пренесувањето ќе учествуваат 600 лица, како 1500 волонтери.

Василиадис истакна дека церемонијата нема да ја чини државата ниту едно евро, бидејќи сите настани се покриени од спонзори, но и од волонтерско учество.

Волонтерски, учествуваат и кореографката на церемонијата на палењето и предавањето на огнот, Артемис Игнатиу, девојката која го пали на традиционален начин огнот, Ксанти Георгиу, како и популарниот грчки пејач Сакис Рувас кој е во улога на амбасадор на церемонијата за предавање на олимпискиот оган.

Георгиу која од 2008 е задолжена за палењето на оганот, рече дека е голема чест за неа, а паралелно и голема одгтоворност.

-Олимпискиот оган, безвременски ја испраќа пораката за мир, разбирање и соработка меѓу народите. Во 12-те години колку што учествувам во церемониите на палење и предавање на огнот, научив дека симболиката на огнот означува почитување на животот и човековото постоење, рече Георгиу и истакна дека оваа година е особено важен и историски моментот што за прв пат, во штафетното предавање прва и последна ќе бидат две жени.

Грчкиот пејач Сакис Рувас, ќе биде задолжен за промоција на програмата “Грција, можеш” на церемонијата на предавање на огнот.

-Вредностите што ги претставува олимпискиот оган безвременски ги инспирираат сите луѓе во целиот свет, без разлика дали се луѓе поврзани со спортот или се обични гхраѓани. Мирот и фер плејот се вредности кои повеќе од било кога му се потребни на човештвото за да оди напред, рече Рувас.

На церемонијата во античка Олимпија ќе присуствува претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, што воедно ќе биде негово последно јавно појавување во функција на шеф на државата, со оглед на тоа дека ден подоцна, новоизбраната претседателка ќе положи свечена заклетва. На церемонијата во Атина, една седмица подоцна, на 19 март, присутна ќе биде Екатерини Сакеларопулу, новата грчка претседателка.

На денешната прес конференција, организаторите рекоа дека се во постојан контакт со надлежните за преземање секакви мерки за заштита од коронавирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2020 18:25