Играчот на РК Вардар, Хорхе Македа во изјава за шпанскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ истакна дека клубот сè уште им должи многу пари на ракометарите.
Тој беше дел од „црвено-црните“ при освојување на првата титула во Лигата на шампиони во 2017 година заедно со сонародниците Жоан Кањелас и тренерот Раул Гонзалез.
Македа вели дека се било во ред во првата година од неговиот престој во Скопје, но втората веќе било поинаку.
– Вардар стана европски првак без да плати. Ветувања има, но и времето тече, затоа сме лути. Не сме се обратиле до Европската ракометна федерација затоа што веруваме во позитивен исход, вели Македа.
Ситуацијата е комплицирана, вели шпанскиот репрезентативец, кој потсетува дека последното ветување за исплата на долговите кон играчите било во јануари, меѓутоа и тој рок бил пробиен.
Македа и останатите кои имаат побарувања од македонскиот шампион и актуелен европски владетел, сепак, не губат надеж која ќе биде негувана од нив, како што вели, се додека постои клубот.