Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах ги отфрли шпекулациите дека ширењето на коронавирусот би можело да влијае на одржување на Летните олимписки игри и Параолимписките игри во Токио.
На прес-конференција во Лозана тој порача дека на седница на Извршниот одбор на ИОК не било споменато одложување или откажување на настаните и покрај таквата можност што ја најави јапонската министерка за спорт, Сеико Хашимото.
– Ние сме спортска институција и ги следиме препораките на Светската здравствена организација. Не сакам да долевам масло на огнот со разни шпекулации, рече Бах.
Од коронавирусот кој се појави во Кина кон крајот на минатата година досега починаа над 3.000 лица, а преку 100.000 во целиот свет се заразени. Поради тоа беа откажани низа спортски манифестации, а ширењето на болеста влијаеше и на квалификациските натпреварувања за ОИ 2020.