Самостојниот синдикат на работниците од енергетика, рударство и индустрија – ССЕРИ при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија денеска на прес-конференција обвини за бесправно стопирање на парични текови и насилно преземање на членството од страна на раководството на АД ЕСМ.

Како што појасни денеска претседателот на Синдикатот, Васко Перчакоски овие дејствија Синдикатот ги пријавувал, но институциите молчеле или пак постапувале незаконски.

-Проблемот настанува во втората половина на 2017 година кога раководството на АД ЕЛЕМ не дозволи и воедно правеше притисоци да не се одржат легитимни избори, а подоцна имаше и обид да се постави нивни лојален човек на чеко на раководството на Синдикатот. За ова го известивме Министерството за труд и социјална политика, МВР – Битола и Народниот правобранител, но никој не одговорил на пријавите. Пријавив и од Државниот трудов инспекторат но инспекторката даде невалидно објаснување, рече претседателот Перчакоски.

Како што наведува Перчакоски, поради тоа што го пријавиле случајот, раководството на АД ЕЛЕМ ги стопирало сите парични текови кон Синдикатот, како што се чланарини, позајмици и обврски кон третите лица. Тој обвини и дека насилно е преземено членството и префрлено во мултиетничкиот синдикат за образование МЕСО при Сојузот на сндикати на Македонија и бесправно се стопирани средствата на Синдикатот.

-По две до две и пол години водење на битки низ судските лавиринити, од 2019 година почнавме да ги добиваме судските пресуди, за што сега имаме извршни пресуди за 8.500.000 денари (140.000 евра) и првостепени пресуди за преку 20.000.000 денари, со што сумата може да достигне и до 30.000.000 денари (околу 500.000 евра), додава Перчакоски.

Сепак, од Синдикатот наведуваат дека повторно АД ЕСМ се користат со народните пари, наведувајќи дека според Колективниот договор превентивните одмори ги организира Синдикатот, но наместо во нивните хотели, одморите се организираат во други хотели со многу повисока цена.

-Во колективниот договор што го има потпишано ССЕРИ стои дека превентивните одмори ги организира Синдикатот, но раководството на АД ЕЛЕМ продолжи со раскрчмување на народните пари организирајќи престои за многу поголема цена во други хотели, а нашите хотели, Попова Шапка, Славија и Молика, управувани од ЕЛЕМ Турс се затвораат и се даваат на продажба. Повеќе од сигурно е дека има злоупотреба, но кој, зашто и кога не постапил за сериозна злоупотреба за повеќе од 500.000 евра и нарушување на имиџот на држвата треба да одговори раководството на АД ЕСМ, рече Перчакоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2020 15:04