Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан и Лотар Вилер, раководител на институтот Роберт Кох, изјавија дека жителите на Германија треба да се подготвуваат за коронавирусот и да се откажат од некои навики во наредните недели, па и месеци.

Шпан истакна дека Германците мора да се откажат од некои работи, не само посета на концерти, туку и користење на јавниот превоз.

– Многу е важно на ваков предизвик да реагираме сталожено и флексибилно, бидејќи динамиката на ситуацијата се уште се развива. Клучно да имаме доверба едни кон други во оваа стресна ситуација. Се уште не знаеме колку луѓе се заразиле од коронавирусот и во кој временски рок ситуацијата може да се влоши, истакна Шпан.

Шпан изјави дека сите вработени во германскиот здравствен систем секојдневно се соочуваат со познати симптоми на коронавирусот кај пациентите и знаат како да ги препознаат, а нивна цел е да го забават ширењето на коронавирусот за да може германскиот здравствен систем да се справи со вирусот.

– За да го спречиме ширењето на вирусот потребна ни е соработка со сите граѓани кои треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, изјави Шпан.

Шпан додаде дека Германија има 28.000 кревети на интензивна нега, што во споредба со остатокот од светот е многу голем број.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2020 22:55