Без проблеми, но и без публика поради вонредните мерки за заштита од коронавирусот, денеска во античка Олимпија, успешно заврши генералната проба на палењето на олимпискиот оган, јави дописничката на МИА од Атина.

Како и секогаш, огнот беше запален од сончевите зраци, а генералната проба, која обично е отворена и за граѓаните и за новинарите, овој пат беше целосно затворена. Главната церемонија на палењето на огнот е закажана за утре во присуство на претседателот на Грција Прокопис Павлопулос, претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет Томас Бах и претседателот на Грчкиот Олимписки комитет Спирос Капралос, но без публика.

Грчкиот олимписки комитет на состанокот одржан во понеделникот, „земајќи ги предвид последните одлуки на владата за заштита на јавното здравје“ поради Ковид-19, одлучи церемонијата на палење на олимпискиот оган за Летните олимписки игри, да се одржи без публика, само со 100 поканети претставници од Меѓународниот олимписки комитет и организациониот комитет „Токио 2020“ и со намален број новинари.

Од Грчкиот олимписки комитет упатија повик до градоначалниците на градовите низ кои ќе помине олимпискиот оган, да ги следат упатствата на Министерството за здравство на Грција и Националната организација за јавно здравје.

По палењето на олимпискиот оган, предвидено е штафетното предавање низ 31 грчки град и церемонија во Атина на 19 март 2020 за предавање на огнот на организаторите на летните Олимписки игри во Токио.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/03/2020 16:59